Обвинетиот Васил Јованов кој на пешачки со голема брзина ја усмрти младата Фросина ја призна вината и се извини на семејството Кулакови.
“Сакам да изразам сочувство на семејството и да им се извинам за тоа што го сторив. Да судија виновен сум не мислев дека некогаш тоа ќе се случи, низ солзи Јованов ја признаваше својата вина за несреќата. Судијата го праша дали зборува при здрава свест, на што тој одговори потврдно дека признанието не му е изнудено.
Додека возачот зборуваше тивко плачеше неговата мајка која е присутна со сопругот, таткото на Јованов обвинет во друга постапка затоа што му ја давал свесно неговата колата да ја вози.
Тодор Кулаков, татко на Фросина Кулакова, смета дека двајцата родители треба да одговараат што Васил Јованов имал пристап до автомобилот со кој ја усмртил нивната ќерка. Тој го праша Јованов зошто го свртел воланот, наместо да вози право и удрил во девојката која го загуби животот.
„Кога правдата ја губи вредноста, тогаш државата ја губи душата. Денес не се бориме само за Фросина, туку за ниту едно дете повеќе да не заврши под тркала на безмилосен човек, кој потоа се обидува да избега од одговорност, а судската пракса го потврдува тоа. Фросинче светеше каде и да се појавеше, а нејзиниот живот згасна на најгнасен можен начин. Од ударот лета во воздух. Сите коски и беа искршени, градниот кош и беше отворен, срцето и распукало. Како клучен фактор прашувам: зошто Васил нагло свртува кон неа, зошто не продолжи право? Дали е тоа агресија? Барам одговор, овде пред сите. Зошто, наместо право, сврте кон нашето чедо“, рече Кулаков.
Членовите на семејството на Фросина и родините кои се присутни денеска во судницата носеа маици на кои пишува „Правда за Фросина”
Јас не сум мајка која го изгубила своето чедо, туку човек со откорната душа. Јас сум гласот на Фросина оти таа не може да зборува. Таа не беше прегазена, туку убиена на начин кој не може да се замисли, рече Камелија Кулакова, мајка на Фросина Кулакова која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин во Скопје.
„Возејќи пијан, без возачка дозвола, одминувајќи возила, ја удрил мојата Фросина со толкава брзина со што таа со главата ја скршила шофершајбната, се качила на покривот на возилата, а од силината била отфрлена и од ударот го скршила столбот од семафорот“,рече мајката.
Таа сведочеше за повредите кои ги имала Фросина од ударот, а кои биле бројни и тешки.
„Кој член од законот може да го измери ова. Ова не е судење за сообраќајка туку за грабеж на живот, за убиство. Барам највисока казна, не одмазда, туку за правда и ниту едно дете да не го доживее ова. Покажете дека правдата има душа и дека законите имаат лице. Правдата нема да ми ја врати Фросинче, но ќе ми ја врати вербата дека нејзиниот живот не згаснал залудно и затоа барам максимална казна”, рече мајката.