Првиот човек на Општина Кисела Вода, актуелниот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски сподели:
-За почисто Скопје – го чистиме Скопскиот Аквадукт во рамки на акцијата GENERALKA WEEKEND’25! Денес сме кај Скопскиот Аквадукт, заедно со претседателот на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, колегата Висар Ганиу, Амбасадорот на Австрија Мартин Памер, министерката за образование Весна Јаневска и стотици волонтери, за да дадеме поддршка и да спроведеме една мошне важна и значајна иницијатива – GENERALKA WEEKEND 25.
Се работи за национална акција за чистење што ја организира ,,МЕН ЕНД МАУНТИН” и зад која веднаш застанав како Претседател на ЗЕЛС, како градоначалник и како човек на кој му е важна чистата животна средина. Сметам дека сите треба да дадеме целосна поддршка и уверен сум дека ова не е само еднодневен ангажман, туку симболичен и суштински поттик за системски пристап кон унапредување на хигиената и односот кон животната средина во сите општини.
Особено значење има тоа што денешното отворање се случува токму тука – кај Скопскиот Аквадукт – место со голема историска и културна важност, но истовремено, би рекол и ,,жртва” на долгогодишна негрижа. Затоа, денешната акција не е само чистење отпад, туку и обид за враќање на вредностите и вниманието кон јавниот простор, кој ни припаѓа на сите.
За жал, Скопје никогаш не било во полоша состојба кога станува збор за јавната хигиена. Недостигот од одржување, неорганизираниот пристап и очигледната негрижа доведоа до состојба во која главниот град е полн со отпад, диви депонии и запуштени површини. Градоначалничката на Скопје не ја врши својата работа – и неопходноста од ваквите акции, иако благородни, се сведоштво дека институциите кои треба да се грижат, молчат или не дејствуваат.
Во Кисела Вода, каде што сум градоначалник, за последните три и пол години се расчистени 157 диви депонии. Акции за чистење организираме редовно, а GENERALKA WEEKEND веќе еднаш успешно ја спроведовме. Овој пат настапуваме уште помасовно – денес во нашата општина се чисти на неколку локации, со вклучена општинска администрација , сезонски работници и најмладите, учениците од основните училишта.
Чистата животна средина не е само слика – таа е предуслов за здравје, достоинствен живот и одговорно општество. Ако сакаме почисти улици, поубави паркови, поздрава иднина – мораме сите да бидеме дел од решението. Ваквите настани се важни, но уште поважно е оваа енергија да се пренесе во секојдневието, во секојдневната работа на институциите и во навиките на сите граѓани.
Горд сум што денес тука се и Претседателката на државата, министерот за животна средина, бројни јавни личности, активисти и граѓани. Ова е порака дека општествената одговорност не познава функција или титула– таа е наша заедничка обврска. Нека GENERALKA WEEKEND 25 биде потсетник – дека кога ќе се здружиме, можеме да направиме вистински, опипливи промени. Денес чистиме, но од утре – бараме континуитет, системска грижа и одговорност!